Што е Helicobacter pylori?
Helicobacter pylori (H. pylori) е спирална, грам-негативна бактерија која живее во слузокожата на желудникот и дуоденумот. Оваа бактерија е главен причинител на хроничен гастритис, чир на желудникот и дуоденумот. Според Светската здравствена организација (СЗО) и Центрите за контрола и превенција на болести (CDC), H. pylori инфицира околу 50% од светската популација, а инфекцијата најчесто започнува во детството.
Како се пренесува H. pylori?
Главниот механизам на пренос на бактеријата е фекално-орален и орално-орален. Најчестите начини на инфекција вклучуваат: контаминирана храна и вода, нехигиенски услови и недостаток на санитација, близок контакт со инфицирани лица (бактерискиот пренос преку плунка). Инфекцијата е почеста во земји со пониски хигиенски стандарди, но се среќава и во развиени земји.
Симптоми на инфекција со Helicobacter pylori
Многу луѓе носат H. pylori без никакви симптоми, но кога бактеријата предизвикува воспаление, може да доведе до следниве симптоми: болка или печење во стомакот (особено на празен желудник), гадење и повраќање, губење на апетит, надуеност и подригнување, необјаснето слабеење, црна или крвава столица (укажува на крварење од гастроинтестиналниот тракт). Во потешки случаи, може да се развијат чиреви на желудникот и дванаесетпалечното црево, што доведува до силни болки, повраќање на крв и ризик од перфорација на желудникот
Како се дијагностицира инфекцијата?
За откривање на инфекцијата со H. pylori, лекарите препорачуваат неколку дијагностички методи. Неинвазивни тестови вклучуваат:
- Уреа издишен тест (Urea Breath Test – UBT),
- тест на столица за антиген на H. pylori
- серолошки тестови (антитела во крвта).
Инвазивни тестови вклучуваат: езофагогастродуоденоскопија (ЕГДС) со биопсија, ПЦР тестирање на биопсија.
Компликации поврзани со Helicobacter pylori
Доколку инфекцијата остане нетретирана, може да доведе до сериозни компликации, како што се: хроничен гастритис (долготрајно воспаление на желудникот), пептичен улкус (чир на желудникот и дуоденумот), желудочен карцином (H. pylori е класифицирана како канцероген според СЗО), MALT лимфом (редок тип на желудочен лимфом)
Третман на инфекцијата со Helicobacter pylori
Стандардниот третман вклучува терапија со три или четири лекови за целосно елиминирање на бактеријата.
Прва линија на третман:
- двоен антибиотик (Амоксицилин + Кларитромицин или Метронидазол),
- инхибитор на протонска пумпа (PPI) – Омепразол, Лансопразол, Езомепразол
- бизмутова терапија (во одредени случаи).
Терапијата обично трае 10-14 дена, а по завршувањето се препорачува контролен тест (UBT или тест на столица).
Поради зголемената антибиотска резистентност, во некои случаи се користат алтернативни комбинации на антибиотици, како лефофлоксацин или рифабутин.
Превенција на инфекцијата
Одржување на добра лична хигиена (миење на рацете пред јадење), консумирање чиста и добро обработена храна, избегнување на контаминирана вода, ограничување на споделување прибор за јадење со други лица
Helicobacter pylori е широко распространета бактерија која може да предизвика сериозни гастроинтестинални заболувања. Раното откривање и соодветниот третман се клучни за спречување на компликации како чир на желудникот и рак на желудникот. Со правилни хигиенски навики и соодветен медицински третман, инфекцијата може успешно да се елиминира.