Нов антибиотик по 30 години: надеж за иднината или предупредување за сегашноста?

istock 944104208 istock 944104208

По речиси три децении, научната заедница сведочи на еден од најзначајните пробиви во борбата против бактериските инфекции, откриен е нов антибиотик наречен Lariocidin, со ветувачки резултати во борбата против бактерии отпорни на постоечките терапии. Овој нов антибиотик, идентификуван преку напредни геномски и биоинформатички методи, претставува светло во борбата против сè поголемата закана од антибиотската резистенција.

Но, додека светот ја слави оваа научна победа, останува важна порака: нови антибиотици не значат слободно користење стари!

Што е Lariocidin и зошто е важен?

Lariocidin е нов антибиотик кој припаѓа на групата антимикробни пептиди, изолиран од ретки видови бактерии кои се наоѓаат во природата. Првите резултати покажуваат дека оваа супстанца е многу ефикасна против бактерии кои се отпорни на многу од веќе постоечките антибиотици, вклучувајќи и таканаречените ESKAPE патогени – група бактерии кои се чести причинители на болнички инфекции и кои се познати по тоа што се многу отпорни на лекови.

Како делува lariocidin? Тој ја оштетува клеточната мембрана на бактериите, што го прави поефикасен во борбата против нив и истовремено, помалку подложен на развој на резистенција.

Антибиотската резистенција: тивка пандемија

Антибиотиците се едни од најмоќните алатки на модерната медицина. Сепак, нивната прекумерна и несоодветна употреба доведе до феноменот на антибиотска резистенција – способноста на бактериите да станат отпорни на лековите што некогаш ги уништувале.

Според проценките на Светската здравствена организација (СЗО), до 2050 година, антибиотската резистенција може да предизвика повеќе смртни случаи отколку канцер ако не се преземат сериозни чекори. Годишно, над 1.2 милиони луѓе умираат од инфекции кои не реагираат на третман со достапни антибиотици .

Самомедикација: ризик скриен во навика

Земањето антибиотици без препорака од лекар — било тоа преку остаток од претходна терапија, „совет од пријател“ или купување без рецепт — сериозно го поттикнува ширењето на резистентни бактерии.

Кога антибиотик се зема без реална потреба, тој не делува врз вирусите (како што се грипот и настинката), но создава притисок врз микробиомот, што им овозможува на поотпорните бактерии да преживеат и да се размножат. Така се создава селекција на „супербактерии“ организми кои не реагираат на повеќето достапни лекови.

Нов антибиотик ≠ дозвола за злоупотреба

Lariocidin е ветувачки чекор напред, но не е магично решение. Историјата нè учи дека и најсилните антибиотици може да станат неефикасни со текот на времето ако не се користат одговорно. Развојот на нов антибиотик е скап, сложен и бавен процес. Потрошени се години истражувања и огромни ресурси за откритието на Lariocidin а бактериите можат да развијат резистенција во многу пократок период ако се изложени на несоодветна употреба.

Што можеме да направиме?

Како поединци, имаме одговорност да придонесеме во спречувањето на резистенцијата:

  • Не земајте антибиотици на своја рака.
  • Следете ја точно терапијата препишана од лекар – и по доза и по времетраење.
  • Не барајте антибиотици за вирусни инфекции.
  • Информирајте се, но консултирајте стручно лице за секоја терапија.