Проф. д-р Владимир Андреевски: Имунитетот започнува во цревата

kraj kraj

Во последните децении, медицината сè повеќе го насочува вниманието кон цревата како централна точка за одржување на здравјето. Цревниот систем не е одговорен само за варење на храната, туку и за регулирање на имунолошките процеси. Сè повеќе научни докази потврдуваат дека рамнотежата на микроорганизмите во цревата, позната како цревна микрофлора игра клучна улога во нашата способност да се одбраниме од инфекции и воспаленија.

Што е цревна флора?

Цревната флора, или поточно цревна микробиота, претставува збир од милијарди микроорганизми што природно живеат во дигестивниот тракт на човекот. Главно се состои од бактерии, но вклучува и габи, вируси, археи и други микроорганизми. И покрај нивната микроскопска големина, овие организми имаат големо влијание врз нашето здравје, од варењето на храната, преку синтеза на витамини, до заштита од штетни микроби и модулација на имуниот одговор.

Цревата имаат импресивна структура и површина. Ако би се рашириле сите набори и внатрешни слоеви на човечките црева, нивната површина би изнесувала приближно 250–400 квадратни метри, што е приближно исто колку едно фудбалско игралиште. Оваа голема површина овозможува интензивна интеракција помеѓу телото и микробиотата, а со тоа и силно влијание врз здравјето.

Навики што ја нарушуваат рамнотежата на цревната флора

Рамнотежата на цревната микрофлора е чувствителна и лесно може да се наруши под влијание на различни фактори од секојдневниот живот. Најчести причини за нарушување на микробната рамнотежа (дисбиоза) се:

  • прекумерна и честа употреба на антибиотици без медицинска потреба,
  • исхрана сиромашна со растителни влакна и богата со рафинирани шеќери и заситени масти,
  • хроничен стрес,
  • недоволна физичка активност,
  • неправилен сон и нарушен циркаден ритам,
  • пушење и прекумерна консумација на алкохол.

Кога ќе се наруши рамнотежата на цревната микрофлора, се намалува бројот на корисни бактерии и се овозможува прекумерен раст на штетни микроорганизми. Ова може да доведе до различни здравствени нарушувања, вклучувајќи:

  • чест дигестивен дискомфорт (надуеност, гасови, дијареа или запек),
  • зголемен ризик од инфекции,
  • синдром на иритабилни црева (СИЦ – IBS),
  • хронични воспалителни болести на цревата (како Morbus Crohn [Кронова болест] и улцеративен колитис),
  • ослабен имунитет,
  • синдром на зголемена пропустливост на цревата („leaky gut“ синдром),

Што се пробиотици и која е нивната улога?

Пробиотиците се живи корисни микроорганизми кои, кога се внесуваат во доволна количина, имаат позитивен ефект врз здравјето на домаќинот. Најчесто станува збор за бактерии од родовите Lactobacillus и Bifidobacterium, кои природно живеат во човечките црева. Пробиотиците помагаат во одржување на здрава микробиолошка рамнотежа во дигестивниот систем, што е клучно за добрата функција на организмот.

ПРОБИОТИК VS. ПРЕБИОТИК која е разликата?

Пробиотиците се живи микроорганизми, додека пребиотиците се неварливи растителни влакна кои служат како храна за пробиотиците. Со други зборови, пребиотиците ги поттикнуваат корисните бактерии во цревата да се размножуваат и да ја одржуваат својата активност. Пребиотици најчесто се наоѓаат во храна како кромид, лук, банани, аспарагус и интегрални житарки, но ги има и синтетски како што се инулинот и лактулозата.

Како пробиотиците го зајакнуваат имунитетот?

Повеќе од 70% од клетките на имуниот систем се наоѓаат во гастроинтестиналниот тракт, што ја нагласува важноста на цревната микрофлора за имунолошката одбрана. Пробиотиците влијаат врз имунитетот преку неколку механизми:

  • Ја зајакнуваат цревната бариера, спречувајќи навлегување на штетни патогени и токсини во крвотокот.
  • Го намалуваат воспалението со регулирање на имунолошкиот одговор и продукција на антиинфламаторни супстанции.
  • Го поттикнуваат создавањето на имуноглобулин А (IgA) – антитело кое игра важна улога во првата линија на имунолошка одбрана во цревата.
  • Влијаат на зрелоста и активноста на имуноактивни клетки, како што се Т-лимфоцитите и макрофагите.

Кога е потребно да се земаат пробиотици како суплементи?

Иако пробиотиците можат да се внесуваат преку храна, постојат состојби и периоди кога дополнителен внес во форма на суплементи е оправдан и корисен. Таквите ситуации вклучуваат:

  • По употреба на антибиотици – Антибиотиците, покрај штетните, уништуваат и корисни бактерии, што често води до нарушување на микрофлората и дигестивни тегоби како дијареја. Земaњето пробиотици во текот или веднаш по терапијата може да помогне во обновување на микрофлората и намалување на несаканите ефекти.
  • При примена на ерадикациска терапија за Хеликобактер пилори – Таа се заснова на примена на комбинација од 3 антибиотици и инхибитор на протонска пумпа. Примената на пробиотици паралелно со оваа терапија во тек на ерадикацијата (предност има квасницата Sacharomyces bulardi која не подлежи на дејство на антибиотиците), не само што го подобрува придржувањето (адхеренца) на антибиотиците кон примената на препорачаната антибиотска терапија, туку со тоа ги зголемува и стапките на успешна ерадикација.
  • При дигестивни нарушувања – Кај лица со синдром на раздразливо црево (СИЦ-IBS), инфламаторни болести на цревата (како Кронова болест и улцеративен колитис), или хроничен запек, одредени пробиотски соеви можат да помогнат во намалување на симптомите.
  • Во состојби на намален имунитет – Пробиотиците можат да помогнат во подобрување на одговорот на имуниот систем, особено кај лица со зголемена подложност на инфекции или по акутни воспаленија.
  • Кај чести габични инфекции или инфекции на уринарниот тракт – Некои пробиотски соеви, особено Lactobacillus видовите, може да придонесат за одржување на здрава вагинална и уринарна микрофлора.
  • При патувања (т.н. „патничка дијареја“) или промена на режим на исхрана – Суплементите со пробиотици можат да бидат корисни за заштита на дигестивниот систем при изложување на нови микробни средини.

Автор на текстот:

vladimir

проф. д-р Владимир Андреевски

ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гастроентерохепатологија