Сигурно сте слушнале некој да каже: „Јадам малку, а сепак се дебелеам“, или „Колку и да се трудам, не можам да ослабам“. Во вакви ситуации, честопати вината паѓа на хормоните и со право. Хормоните се хемиски гласници што координираат голем дел од работата на телото, вклучително и метаболизмот и апетитот. Кога тие се во рамнотежа, телото функционира правилно. Но кога има хормонален дисбаланс, може да дојде до зголемување на тежината, променет апетит и намален метаболизам.
Што точно е метаболизмот?
Метаболизмот е процесот преку кој телото ја претвора храната во енергија. Дури и кога одмараме, нашето тело троши енергија за дишење, варење, одржување на телесната температура и други основни функции ова се нарекува базален метаболизам. Метаболичката брзина се разликува од човек до човек, и на тоа влијаат генетиката, возраста, но и хормоналниот баланс.
Најважни хормони што влијаат на тежината и метаболизмот
1. Инсулин – чуварот на шеќерот во крвта
Инсулинот се лачи од панкреасот и има клучна улога во регулирањето на шеќерот во крвта. Кога внесуваме храна богата со јаглехидрати, нивото на глукоза расте, а инсулинот помага таа глукоза да се внесе во клетките како извор на енергија. Но, ако внесот е преголем или постои инсулинска резистенција, телото почнува да складира повеќе масти особено околу стомакот.
2. Лептин – хормон на ситост
Лептинот се произведува во масното ткиво и му испраќа сигнал на мозокот дека сме сити. Кај лица со вишок килограми, често има лептинска резистенција мозокот не го добива правилно сигналот за ситост, што резултира со претерување во храна.
3. Грелин – хормон на глад
Грелинот е спротивност на лептинот тој го стимулира апетитот. Се зголемува кога сме гладни, а се намалува по јадење. Ако постојано сте гладни дури и по оброк, можно е телото да лачи повеќе грелин од вообичаено.
4. Кортизол – хормон на стрес
Кога сме под стрес, телото лачи кортизол. Тој ни помага краткорочно, но хронично покачени нивоа можат да доведат до зголемен апетит, желба за слатко, инсулинска резистенција и таложење масти во пределот на стомакот.
5. Тироидни хормони – менаџери на метаболизмот
Тироидната жлезда ги произведува Т3 и Т4 хормони што управуваат со брзината на метаболизмот. Кога тие се ниски (хипотироидизам), метаболизмот се забавува, што често доведува до зголемување на тежината, умор и отеченост. Кога се високи (хипертироидизам), може да има губење на тежина, брз пулс и нервоза.
6. Полови хормони – тестостерон и естроген
Кај жените, естрогенот влијае на распоредот на мастите негово намалување во менопаузата често доведува до зголемување на тежината, особено околу половината. Кај мажите, низок тестостерон може да резултира со намалена мускулна маса и зголемена телесна маса.
Како да препознаете хормонален дисбаланс?
Ако се борите со тежината, а се храните здраво и сте физички активни, можно е причината да е хормонална. Симптомите што упатуваат на тоа вклучуваат:
- Постојан замор
- Нередовен циклус
- Проблеми со спиењето
- Промени во апетитот
- Драматични промени во тежината
- Расположенски промени
Во такви случаи, корисно е да се направи консултација со ендокринолог и да се испитаат хормонските параметри преку лабораториски анализи.
Што можете да направите за да го одржите хормоналниот баланс?
Без разлика дали имате дијагностициран хормонален проблем или само сакате да го одржите своето здравје, постојат неколку начини на природна регулација:
- Спијте доволно – Недостигот на сон влијае на лептинот, грелинот и кортизолот.
- Избегнувајте хроничен стрес – Релаксацијата, прошетките во природа и техниките на длабоко дишење можат да помогнат.
- Јадете избалансирано – Оброци со доволно протеини, сложени јаглехидрати и здрави масти.
- Редовно вежбајте – Физичката активност ја подобрува чувствителноста на инсулин и го регулира метаболизмот.
- Избегнувајте рафинирани шеќери и процесирана храна – Овие продукти го нарушуваат хормоналниот баланс.
- Пијте доволно вода – Дехидратацијата негативно влијае на сите системи во телото, вклучително и на хормоналниот.
Кога е време да посетите доктор?
Ако имате постојан замор, промени во тежината без очигледна причина, проблеми со менструацијата, проблеми со спиењето или апетитот тоа може да биде знак за хормонален проблем. Во таков случај, важно е да не се одложува консултацијата со ендокринолог.
Автор на текстот:

Д-р. Мр. Катерина Адамова
Интернист ендокринолог