Зошто е важно да користите SPF секој ден?

4469486 1019878376 4469486 1019878376

Во последните години, термини како SPF, UV зраци, изгореници и стареење на кожата сè почесто се појавуваат при пребарување на интернет. Причината е едноставна, заштитата од сончевите зраци не е само естетска грижа, туку и здравствена потреба.

Што значи SPF?

SPF (Sun Protection Factor) претставува мерка за тоа колку долго кремата за сончање ќе ве заштити од UVB зраци, што предизвикуваат изгореници. На пример, SPF 30 овозможува околу 30 пати подолго изложување на сонце без да дојде до изгореници, во споредба со кожа без заштита.

SPF 30 блокира околу 97% од UVB зраците, додека SPF 50 блокира приближно 98%. Сепак, ниту еден SPF не обезбедува 100% заштита, па затоа е клучно правилното нанесување и обновување.

gettyimages 178545672 56a79f9e3df78cf77297aa22

Што се UV зраци?

Ултравиолетовите зраци се невидлив дел од сончевата светлина, а се делат на UVA и UVB:

  • UVA зраци предизвикуваат предвремено стареење на кожата, пигментации и длабоки оштетувања.
  • UVB зраците се главниот виновник за изгореници и играат значајна улога во развојот на рак на кожа, вклучувајќи меланом.

Овие зраци стигнуваат до кожата дури и кога е облачно или кога сте во сенка. Делуваат и низ прозорци и стакла, па заштитата не треба да биде резервирана само за одмор или плажа.

Како правилно да се користи кремата со SPF?

  • Изберете крема со широк спектар на заштита, што штити и од UVA и од UVB зраци.
  • Нанесете ја на чиста и сува кожа, најмалку 15 минути пред изложување на сонце.
  • Користете доволно количество, возрасна личност треба да нанесе околу 30 ml (приближно една шака) за целото тело.
  • Обновувајте ја на секои 2 часа, или по капење, потење или бришење со пешкир.

Кој треба да користи SPF?

Секој! Без разлика на возраста, полот или типот на кожа. Особено е важно кај:

  • Деца
  • Лица со светол тен
  • Лица што користат одредени лекови (како антибиотици или ретиноиди)
  • Лица со историја на рак на кожа

Што ако не користите SPF?

Долготрајно и нередовно изложување на сонце без соодветна заштита може да доведе до:

  • Изгореници
  • Предвремено стареење на кожата (брчки, пигментации)
  • Зголемен ризик од рак на кожа

Секое изгорување во детството ја зголемува шансата за развој на меланом во зрелата возраст.

SPF не е само за плажа. Тоа е основна, секојдневна навика за заштита на кожата од штетните ефекти на UV зраците. Без разлика дали шетате по град или седите во автомобил, вашата кожа е изложена заштитете ја.